Американскиот претседател, Џо Бајден го покани Тајван на виртуелен самит за демократија, на кој ќе присуствуваат претставници на повеќе од 100 земји, со потег што може да ја „налути“ Кина, која не се наоѓа на листата на поканети учесници.

Конференцијата беше предизборно ветување на Бајден, кој во фокусот на својата надворешна политика ја стави борбата меѓу демократиите и „автократските влади“.

„Самитот за демократија“ ќе се одржи онлајн формат на 9 и 10 декември.

Кинеската Влада ја предупреди администрацијата на Бајден дека прави „грешка“ со тоа што го поканила Тајван да учествува на Самитот за демократија заедно со 109 други претставници на демократските влади.

Жу Фенглијан, портпаролка на кинеската канцеларија за Тајван, предупреди дека поканата на Тајван на самитот е „грешка“, нагласувајќи дека Пекинг е против секаква официјална интеракција меѓу САД и кинескиот регион Тајван.

– Овој став е јасен и конзистентен. Ги повикуваме САД да се придржуваат до принципот „една Кина“, истакна Фенглијан.

Не е чудно што главните американски ривали, Кина и Русија, не се меѓу поканетите. САД го поканија Тајван, кој не го признава како независна земја, но го смета за примерна демократија.

Американскиот потег се очекува дополнително да ги разгори тензиите меѓу двете велесили.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претстојниот Самит за демократија го оцени како обид на САД да ги продлабочат поделбите и посочи дека Русија има негативен став кон собирот.

– Нашиот став за овој настан е недвосмислено негативен. Ова не е ништо друго туку обид за продлабочување на линиите на поделба. На почетокот на 1990-те, многу се трудевме да ги намалиме и елиминираме поделбите, но сега САД претпочитаат да ги продлабочат поделбите и да ги оценуваат земјите како добри или лоши според критериумите на Вашингтон, рече Песков.

Во исто време, Кина денеска изрази силно противење на поканата на Тајван на самитот за демократија чиј домаѓин ќе биде американскиот претседател Џозеф Бајден.

– Тајван нема никаков статус во меѓународното право освен статусот според кој е составен дел на Кина, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијанг.

На виртуелниот собир во декември ќе се соберат околу 110 земји. Кина и Русија не се поканети.