Стејт департментот го соопшти бројот на нуклеарно оружје во американскиот арсенал што, како што соопшти, ќе им помогне на глобалните напори за контрола на ширењето на ова оружје.
Одлуката претставува промена во споредба со политиката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, јавија американски медиуми. Администрацијата на актуелниот претседател Џо Бајден ја преиспитува политиката за нуклеарно оружје, што се очекува да биде завршено на почетокот на следната година.
Стејт департментот соопшти дека американското оружје, вклучително и активното оружје, како и оние за долгорочно складирање, броело 3.750 парчиња заклучно со септември 2020 година. За споредба, во 2019 година тие изнесувале 3.805, а во 2018 година – 3.785. Во 2003 година нуклеарниот арсенал на САД броел нешто повеќе од 10.000 боеви глави, а најмногу во 1967 година – 31.255.
САД последен пат го открија бројот на нивните нуклеарни оружја во март 2018 година, кога рекоа дека имале 3.822 заклучно со септември 2017 година. Ова беше на почетокот на претседателството на Трамп, чија влада подоцна ги чуваше како тајна информациите за бројот на нуклеарно оружје.