САД соопшти дека првиот директен состанок помеѓу високи американски и талибански официјални претставници откако екстремистичката група ја врати власта во Авганистан беше отворен и професионален и дека американската страна повторила дека на талибанците ќе им судат според постапките, а не според зборовите.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека американската делегација се фокусирала на прашањата за безбедноста и тероризмот, безбедно движење на американските државјани, други странски државјани и Авганистанци, како и човековите права, вклучувајќи значајно учество на жени и девојки во сите аспекти на авганистанското општество.

Тој рече дека двете страни разговарале и за обезбедување силна хуманитарна помош од САД директно на авганистанскиот народ.

– Разговорите беа отворени и професионални, а американската делегација повтори дека талибанците ќе бидат судени според нивните постапки, а не само по нивните зборови, рече Прајс во изјавата.

Не беше кажано дали се постигнати некакви договори.

Катарската телевизија Ал Џезира претходно ја пренесе изјавата на привремениот авганистански министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки, кој вели дека талибанските претставници побарале од американската страна да ја укинат блокадата за девизни резерви на Централната банка на Авганистан.