Високиот функционер на американската безбедносна служба ФБИ Питер Строк денеска сведочеше пред Конгресот, каде републиканските конгресмени го сослушуваа за политичките злоупотреби на ФБИ во предизборната кампања. Строк учествувал во иницирањето на истрага против кампањата на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, за подоцна да биде утврдено дека со друга агентка на ФБИ, со која бил во врска, разменувале СМС пораки со коментари од типот „ќе го запреме Трамп“ и „имаме сигурносна полиса против него“.

Строк работел и на истрагата против кандидатката Хилари Клинтон, и конгресменот Треј Гауди го обвини дека неговата јасна политичка пристрасност е доказ дека ФБИ бил користен да се заштити Клинтон, а во исто време да се прислушува кампањата на Трамп.

– Не е прифатливо агент на ФБИ кој покажува толкаво ниво на анимозитет кон еден кандидат да работи на две крупни истраги, обвини Гауди, по што Строк се правдаше дека СМС пораките кои ги испраќал не значат дека ФБИ преземал активности насочени против кандидатурата на Трамп. Строк сепак ги обвини конгресмените кои го повикаа на сослушување дека со тоа му помагаат на рускиот претседател Владимир Путин дополнително да ја подели Америка.

Самиот Трамп повеќе пати јавно ги обвинуваше Строк и неговата љубовница, агентката Лиза Пејџ, дека ја прислушувале неговата кампања и ги таргегирале неговите соработници во предизборниот период, како и дека и помогнале на Хилари Клинтон да се спаси од обвинението за незаконско ракување со доверливи податоци.