Лондонскиот градоначалник Садик Кан повика на нов референдум за членството на Велика Британија во Европската унија, давајќи поддршка на идејата позната како „народен глас“, пренесе Ројтерс.

Велика Британија треба да ја напушти Европската унија на 29 март. Но бидејќи плановите на премиерката Тереза Меј за Брегзит се уште не се прифатени, некои законодавци, како и лидерите на синдикатите и бизнисите се повеќе притискаат луѓето да го имаат последниот збор за секој договор постигнат со Брисел.

Меј во неколку наврати го отфрли одржувањето на втор референдум откако поминаа две години од гласањето за да се напушти ЕУ. Таа вели дека членовите на парламентот ќе гласаат пред да се прифати конечен договор.

Интервенцијата во корист на втор референдум од страна на Кан, кој е висок член на британската опозициска Лабуристичка партија, ќе стави поголем притисок врз лидерот на синдикатот Џереми Корбин да ја поддржи идејата за втор референдум.

Пишувајќи за весникот „Обсервер“, Кан ја обвини владата за погрешното водење на преговорите и рече дека заканата за животниот стандард, економијата и работните места е преголема за гласачите да немаат збор.

„Ова значи јавно гласање за било кој договор за Брегзит кој владата го договорила, или гласањето за  ‘нема договор’ за Брегзит ако договор не е обезбеден, заедно со опцијата за престој во ЕУ“, пишува тој во весникот.