За угостителските објекти, за супермаркетите, продавниците и слично што имаат капацитет да примат над 20 лица, без разлика дали се на отворено или затворено, но и за јавниот превоз, на Кипар, задолжителен е „Safe Pass“, односно потврда за вакцинација, негативен резултат од тест или прележан Ковид-19, согласно новите одлуки на кипарската Влада по влошената епидемиолошка слика во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

За помалите простори, како што се на пример минимаркети или фурни во кои согласно површината, капацитетот е на пример, 15 потрошувачи и пет вработени, тогаш не е потребен „Safe Pass“.

Исклучок, исто така се и плажите и парковите, но, задолжителен е за јавниот превоз (автобуси, такси возила и сл), како и за посета на јавните служби.

Меѓу новите мерки, кои во понеделник стапуваат во сила и ќе важат до 31 јули, се и затворање на организираните групни кампови, додека пак индивидуалните ќе продолжат со работа, како и работа на угостителските објекти, ноќните клубови, само за седнати гости, со забрана за танцување, а исклучок има за просторите што работат само за вакцинирани лица.

Претседателот на Кипар Никос Анастасијадис во обраќањето до граѓаните, соопштувајќи ја одлуката за нови мерки и говорејќи за епидемиолошката слика во земјата рече дека „критичноста на ситуацијата се докажува и со фактот дека во седмицата  од 8-15 јули беа регистрирани 6.853 нови случаи“, а врз основа на податоците, девет од десет лица кои имаат сериозни симптоми и се хоспитализираат не се вакцинирани и мнозинството се под 40 години.

Паралелно истакна дека Владата, за да ги заштити граѓаните обезбеди повеќе од двојно повеќе вакцини од бројот на населението, но и дека одбрале да не ја следат праксата на други земји за задолжителна вакцинација и затоа воведуваат дополнителни мерки.

– Сакам да бидам јасен. Намерата на Владата не е да ги подели граѓаните на вакцинирани или невакцинирани. Сакам да го повторам тоа. Факт е дека го почитуваме правото на избор на секој граѓанин. Но, во исто време, како држава, должни сме да го заштитуваме правото на живот и работа на сите граѓани, истакна Анастасијадис, говорејќи за воведувањето на „Safe Pass“ за сите простори. .

Кипарската Влада, дополнително соопшти мерки и за поттикнување на младите да се вакцинираат, преку извлекувања и награди.

Во конкретната кампања учествуваат различни компании кои ќе доделуваат награди, по случаен избор за вакцинираните од 18 до 30 години.

Меѓу наградите се авионски билети, билети за фудбалски натпревари, попусти во продавници, ваучери од 50 и 100 евра во продавници итн.

Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, досега речиси пола милион граѓани, односно 69,7 отсто примиле најмалку една доза, а 60,7 проценти се целосно вакцинирани.