Делегацијата на Македонија на Самитот на НАТО во Лондон ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки на Алијансата.

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Заев денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Заев и членовите на делегацијата на Владата на Македонија за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.

Претседателот на Владата е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.

Земјата ја дели само една ратификација од полноправното членство, за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.

Во пресрет на самитот, минатата недела беше одржан коордиикациатнитативен состанок на кој присуствуваа министерката Шекеринска, шефот на дипломатијата Димитров и шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанкович.

-За неколку дена во Лондон се организира лондонскиот лидерски Самит, на кој прв пат ќе имаме прилика да седнеме на иста маса со лидерите на најмоќната Алијанса во историјата на човештвото. Прв пат нема да дозволиме некој друг да дискутира за нас, туку ние ќе седнеме на масата, на која се носат одлуки кои имаат важност во светски рамки, нагласи Шекеринска.

Димитров истакна дека веќе е подготвен нацрт-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор. Потсети дека неодамна учествувал по втор пат на министерски состанок на ниво на шефови на дипломатии на земјите од НАТО во Брисел.

-Укажав дека нашиот ентузијазам го насочуваме во завршување на реформите, ја почитуваме заложбата во однос на споделувањето на товарот, како што кажа генералниот секретар Столтенберг, убаво е да се има пријатели, моќни пријатели, рече Димитров.

Според Јанкович, по официјалното членство, земјата треба да продолжи да работи во насока на интеграција на структурите на Армијата, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи.

Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во Шпанија, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.

Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на  Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.

Во земјава сите се согласни во едно – членството во НАТО е стратешка цел број еден и тоа никој не го оспорува, но не постои согласно околу тоа дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери останува на ставот дека откако ќе биде распуштен Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на Протоколот за членство во НАТО.

Ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува нема да има никакви пречки, но ако ако ратификацијата во оваа земја се случи во изборниот период, според Џафери постои можност Протоколот да биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав.

Според Шекеринска, пак, би било неодговорно да направиме што било што ќе го загрози членството во НАТО – стратешка цел број еден, макар и да ја одложи на одредено време.

Таа појасни дека одложувањето на изборите не е опција, а веќе се разговара со дел од пратеници и со други институции за можност за свикување на Собранието и по закажување на изборите, оти вели тој собраниски состав е функционален. -Ние во ниеден момент не можеме да кажеме – немаме Собрание, рече Шекеринска рече таа вчера по по презентацијата на буџетот за одбраната за 2020 година.

Претседателот Стево Пендаровски се надева дека Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО до крајот на декември и оти за тоа во изминатиот период имал повеќе формални и неформални комуникации. Во однос на тоа дали кога ќе заврши ратификацијата во Шпанија и нашиот Парламент ќе успее да го ратификува Протоколот, до неговото распуштање на 12 февруари, Пендаровски минатата недела рече дека е поважно да се фокусираме на она што се случува во Шпанија, каде, како што рече има некаков почетен успех за нова коалиција на власт меѓу двете најголеми партии.