Во Јоханесбург денеска почнува средбата на лидерите на групата земји од БРИКС, економии во развој во која се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканска Република.

Заканата од се поверојатната светска трговска војна,  што ја покрена американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде во фокусот на агендата.

Рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпин и премиерот на Индија Нарендра Моди ќе учествуваат на тридневната годишна средба.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, исто така, ќе присуствува во својство на претседавач со Организацијата за исламска соработка.

Главна тема на 10. Самит би требало да биде „Соработка со цел раст и поделба на просперитет“, но постои голем ризик трговската војна повторно да преовладува во расправите на Самитот.

Пет држави во април го осудија протекционизмот на САД поради тоа што според нив, го поткопува светскиот економски раст.

Кина поради тоа најави засилување на соработка со други држави во развој, меѓу кои и од БРИКС, за да се спротистави на трговскиот протекционизам.

Рускиот министер за економија Максим Орешкин изјави дека разговорите меѓу челниците за трговијата се особено важни за да се координираат позициите.

– Се наоѓаме во момент кога САД и Кина речиси секоја недела објавуваат нови мерки. Тоа е трговска војна. Разговорите меѓу челниците за трговијата се особено важни за да може да се координираат позициите, изјави Орешкин.

Тој нагласи дека на Самитот најверојатно најмногу ќе се разговара со Кина за тоа што се случува во САД.

БРИКС е основан во 2009 година и на тој форум се повеќе од 40 отсто од светстката популација. Една од целите е воспоставување противтежа на економските правила што ги наметнува Западот.