И со корекцијата на цената нашата земја и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа, реагира СДСМ на поскапувањето на струјата.

– Пандемијата со коронавирусот што ја зафати нашата земја но и целиот свет го погоди и енергетскиот сектор на глобално ниво. Потрошувачката на струја драстично се намали. Од друга страна, во овој период на вонредна состојба енергетскиот сектор одговори на задачата и граѓаните имаа струја постојано. Дополнително се покажа одговорност и во ваква состојба обезбедено е пролонгирано плаќање на сметките без камати, како и да нема исклучување од енергетските системи во време на вонредна состојба. Ова е резултат на здравите енергетски политики и континуираните инвестиции во зголемување на домашното производство и обезбедување на сигурна и стабилна испорака на електрична енергија. За да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби за потрошувачката кои неминовно следуваат, цената на електричната енергија се коригира за 7,42% односно за сметка од 1.500 денари ќе има корекција од околу 100 денари, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека за да се заштитат граѓаните, евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали исто како и досега.

– Преку евтината тарифа 15 милиони евра годишно остануваат кај граѓаните, а најголем дел од нив се социјално ранливите групи, пензионерите и невработените лица кои најмногу ја користат оваа мерка, потенцираат од СДСМ.