Наместо да шират лажни вести за Договорот, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски треба да кажат дали ќе учествуваат на референдумот в недела, соопшти денеска СДСМ.

– Залудни се бесмислените обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за наводни историски фалсификати. Уставните промени ќе се реализираат по референдумот во духот на македонско-грчкиот договор и го гарантираат македонскиот идентитет. Децидно се повикуваме на конститутивните документи на АСНОМ, преку што се потврдува и зацврстува историскиот континуитет на македонската државност. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да се изјаснат, дали сакаат да влезат во ЕУ и НАТО како Македонци или ќе останат сами и изолирани во одбрана на криминалот, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, се додава во соопштението, можат да измислуваат и поголеми лаги, но за среќа тие не се оние кои одлучуваат.

– Одлучуваат граѓаните, чие мнозинство е јасно определено за иднина во ЕУ и НАТО. Одлучуваат граѓаните кои ќе излезат и ќе гласаат на 30 септември. Одлуката ја носи огромното мнозинство кое ќе каже „за“ европска Македонија, се заклучува во соопштението на СДСМ во врска со референдумот за промена на уставното име на Република Македонија во Северна.