Зоран Заев, откако веќе имал средби со лидерите на ДПА и на Беса, Мендух Тачи и Билал Касами, до крајот на неделава треба да се сретне и со коалицискиот партнер Али Ахмети и вели дека е потврдено дека меѓусебно ќе си помагаат на изборите, иако локалните избори се поинакви од парламентарните и многу зависи од кандидатите.

На новинарско прашање кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, Беса или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

„СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Таму имаме три коалициски партнери кои сигурно ќе настапат со свои кандидати. Нас анкетите ни покажуваат дека високо котираме и логично е да одиме со наш кандидат, за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од коалициските партнери“, изјави Заев.

Тој кажа дека предлогот е локалните избори да се одржат на 31 октомври за да не се совпадне кампањата со Пописот, а сите политички партии треба да се изјаснат и ако се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик. Според него, овие денови се разговара, се подготвува законско решение кое, меѓу другото, предвидува и градоначалниците и советите ги извршуваат функциите до изборот на новите.

Што се однесува до отворените листи, Заев информираше дека е постигнат договор меѓу поголемите партии.

„Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Предлогот е да има праг од три проценти, па така, кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани“, објасни Заев.

Во однос на кандидатите за градоначалници, тој најави дека на крајот на јули или почетокот на август СДСМ ќе ја објави втората група, а третата ќе биде позната на крајот на август, согласно динамиката на пристигнување на резултатите од партиските истражувања.