Основното јавно обвинителство донесе одлука за запирање на истрагата за делчевски ниви, притоа констатирајќи дека нема докази за овој предмет, и со тоа во вода падна уште една лага на СДСМ против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По анализата на кривичната пријава, исказите на сведоците, исказите на осомничените како и сите обезбедени материјални докази во текот на истражната постапка, се констатира дека од конкретната истражна постапка не произлегоа ниту материјали, ниту вербални докази кои би потврдиле основано сомнение дека делата кои им се ставаат на товар на осомничените се кривични дела за кои се гони по службена должност, односно произлезе дека пријавените не превзеле дејствија кои ги сочинуваат битијата на пријавените кривични дела, стои во констатацијата на обвинителството.

Обвинувањата во медиумите беа дека парите од нивите во Делчево допираат до ВМРО-ДПМНЕ, но после донесената констатација и наредбата за запирање на истражната постапка за конкретниот предмет, станува јасно целта била намерно оцрнување на најголемата опозициска партија и на нивниоот лидер.

Паднаа во вода и шпекулаците дека истрагата е до детаљ завршена, целата комуникација е фатена и се се знае и дека за тоа точно се знае кој и како и со кој и каква улога имал во предметот ,,Делчевски ниви”.

Од крајниот епилог во целата ситуација и по одлуката на ОЈО, јавноста може да заклучи дека целта била намерна, а тоа е да се оцрни најголемата опозициона партија и нејзиниот лидер.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за запирање на истражната постапка против седум лица, од кои две осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, додека останатите им помогнале во извршувањето на делото.

Станува збор случајот познат како „Делчевски ниви” за земјиште во Делчевско што го купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност.

Постапката, како што информираат од ОЈО Скопје, е запрена поради сменети искази на членови на Управниот одбор на ЕВН, за што веќе е оформен и предмет за давање на лажен исказ.

На двајцата првоосомничени им се ставаше на товар дека во текот на 2021 година заеднички,  во вршење на службата, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда  членовите на Управниот одбор на оштетеното правно лице – ЕВН Македонија АД Скопје, а потоа и овластено лице да извршат незаконита исплата во постапка за купување недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици. Притоа не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки во работата на правните лица, не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат и со тоа делувале ЕВН АГ АВСТРИЈА, во својство на доминантен акционер во ЕВН Македонија АД Скопје да ја оцени како исплатлива-погодна и да ја одобри инвестицијата за купување недвижен имот, односно вкупно 48 катастарски парцели во неколку катастарски општини.

– Основ за поведување на постапката за кривично дело, чие битие се заснова на доведување во заблуда на овластените лица да извршат незаконита исплата, беа првичните искази на членовите во Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје, кои тврдеа дека не би гласале за одлуката за купување доколку ги знаеле фактите во врска со дел од предметните парцели, поточно дека се работи за земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје, информираат од ОЈО Скопје.

Надлежниот јавен обвинител во текот на постапката ја прибра целокупната документација поврзана со носењето на одлуките и со склучувањето на договорите за купување на парцелите, која беше предмет на вештачења. Дополнително, беа извршени распити на сите лица кои имаа определени сознанија.

– Меѓутоа, во текот на истражната постапка, членовите на Управниот одбор го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата. Имајќи ја предвид изјавата на застапникот и воедно заштитникот на државниот капитал во правното лице ЕВН Македонија АД Скопје,  која во конкретниот случај е круцијална за докажување на заблудата како обележје на кривичното дело, јавниот обвинител во предметот донесе одлука за запирање на истрагата, велат од ОЈО Скопје.

Со оглед на тоа што во дел од исказот пред јавен обвинител застапникот на државниот капитал презентираше и лажни факти во поглед на извршените претходни проверки на земјиштето кое било предмет на купопродажба, Основното јавно обвинителство Скопје за овој дел од исказот оформи предмет со кој поведува постапка против овој сведок за кривично дело – Давање лажен исказ од член 367 од Кривичниот законик.

– Тој исказ пред јавниот обвинител, иако обвинителството смета дека е лажен, не влијае во конкретната постапка која е запрена, бидејќи членовите на Управниот одбор во текот на постапката се премислија  и сега категорично негираат дека биле во заблуда или измамени за да одобрат купување на земјиштата, информираат од ОЈО Скопје.

Станува збор за земјиште во Делчевско што го купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ѝ ги продале нивите на компанијата ги добиле на подарок неколку недели претходно. Истрагата опфати купопродажба на 48 парцели чија пазарна вредност обвинителството ја процени на речиси 35 000 евра (2 146 723 денари), а биле продадени на ЕВН Електрани за 1,6 милиони евра (99 431 060 денари).