Турската амбасадоркаво Бугарија, Ајлин Секизкок, за bTV коментираше дека нејзината земја строго ќе му суди на сторителот на убиството на бугарскиот граничен полицаец.

-За Турција, Петар е херој, кој погина борејќи се да ги брани границите на својата земја. Турската полиција го гледа како брат кој го загубил животот, додаде таа.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Секизкок, веднаш по овој крајно немил настан турските власти го привеле сторителот на злосторството.

-Тој веќе е во затвор, додаде Ајлин Секизкок и увери дека ќе биде строго казнет за делото што го направил.

Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, бугарското јавно обвинителство веднаш по убиството побарало од турските власти да ги предадат сторителите на убиството на нивниот граничен полицаец.

Во врска со петтемина осомничени за соучесништво во нападот во Истанбул, кои во саботата беа приведени во Бугарија, турската амбасадорка изјави дека бугарските и турските институции сериозно и во тесна соработка работат на утврдување на сите детали за случајот.

Меѓутоа, таа одби да ги коментира различните верзии бидејќи истрагата не е завршена.

-Немам информации дали оваа група подготвувала уште напади, ова е чувствителна тема, изјави Секизкок.

На темата за граничната ограда меѓу Турција и Бугарија, амбасадорката кажа дека нејзината земја инвестирала многу на границите со Ирак и Сирија, а се покренати повеќе од 1.000 километри бетонски ѕидови со модерна технологија и опрема. Турција има 300 електро-оптички кули и сензори, термални камери, оклопни возила за надзор, додаде таа.