Една третина од персоналот на ОН и вработени по договор биле сексуално вознемирувани во изминатите две години, се нагалсува во извештај на ОН.

Анкетата спроведена од Дилојт ја одговориле 30.364 луѓе од ОН и нивни агенции што е само 17 отсто од оние кои можеле. Во писмо генералниот секретар Антонио Гутереш процентот на одговори го означил како „умерено низок“.

Според извештајот, 21,7 отсто анкетирани рекле дека морале да слушаат сексуални наводи или навредливи шеги, на 14,2 отсто им биле упатени навредливи зборови за нивниот изглед, тело или сексуални активности, а 13 отсто биле предмет на несакани обиди да се вовлечат во разговори за сексуални теми.

На 10,9 отсто им биле упатувани гестови или говор на тело со сексуална конотација, што ги посрамотило или навредило, а 10,1 отсто биле допирани на начин да се чувствуваат непријатно.

Повеќе од половината рекле дека сексуално биле вознемирувани во канцеларии, додека 17,1 отсто рекле дека тоа се случило на јавни настани поврзани со работата.

Двајца од три злоставувачи биле мажи. Само една од три лица рекле дека нешто презеле откако доживеале сексуално вознемирување.