Случај на сексуален напад е регистриран вчера во кумановската касарна „Боро Менков“.

Според информациите жена – војник била нападната од нејзина колега. Од МВР за Курир потврдиле дека таков случај е пријавен кај нив.

-На 19.11.2019 во 19.20 часот во СВР Куманово, вработена во АРМ, пријавила дека на 18.11.2019 околу 13.00 часот во касарната „Боро Менков“ во Куманово нејзин колега се обидел да изврши обљуба над неа, информираат од МВР.

Од Министерството додаваат дека за случајот известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Нашата редакција беше контактирана од страна на Министерството за одбрана кое испрати реакција во врска со наводите за сексуално вознемирување на припадничка на Армијата во касарната во Куманово.

-Министерството за одбрана најстрого осудува секаков обид за сексуално вознемирување. Сексуалното вознемирување во Армијата е апсолутно недозволиво. Случајот се испитува и доколку се докаже министерството ќе има нулта толеранција. Никој не смее да помисли да ги вознемирува припадничките на Армијата и да го намалува угледот на Армијата, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана.