Северна Кореја испуштила вода од брана во близина на нејзината граница со Јужна Кореја, принудувајќи го околното население во соседната земја да се евакуира поради зголемувањето на нивото на водата на реката Имџин, соопштија денеска јужнокорејски официјални лица.

Нивото на водата кај речниот мост во јужната погранична област Јеончеон вчера попладне надмина еден метар, принудувајќи ги луѓето кои живеат крај реката да се евакуираат, соопшти владата во Сеул.

– Се чини дека Северна Кореја испушти вода од својата брана Хванганг, изјави официјален претставник на Министерството за обединување на Јужна Кореја, кое се занимава со односите меѓу двете земји, пренесоа британските медиуми.

Јужнокорејските власти испратија предупредувачки пораки до  жителите од овој регион и им наредија да се евакуираат во безбедно место.

Сè уште не е познато колку луѓе морало да ги напуштат своите домови по сомнителното испуштање вода, а се известува дека нивото на водата сега се повлекува откако надмина 1,6 метра, јавуваат британските медиуми.

Северна Кореја прави напори да ги намали штетите од поплавите од неодамнешните обилни дождови, а Сеул во неколку наврати ја повика земјата да извести пред да испушти вода од браната, бидејќи реката тече низ Јеончеон, но досега нема одговор од Пјонгјанг.

Испуштањето вода од браната во 2009 година доведе до поплави во кои загинаа шест Јужнокорејци, дополнуваат британските медиуми.