Северна Кореја продолжи да развива програми за нуклеарни и балистички ракети во првата половина на 2021 година, кршејќи ги меѓународните санкции и покрај влошената економска ситуација во земјата, се вели во извадок од доверлив извештај на ОН во кој Ројтерс имал увид, пренесува Гласот на Америка.

Во извештај на панел на независни набљудувачи, надгледуван од Комитетот за санкции против Северна Кореја при Советот за безбедност на ОН , се вели дека Пјонгјанг „продолжува да бара материјал и технологија за овие програми во странство“.

Беше заклучено дека Северна Кореја, и покрај зголемените економски тешкотии, продолжи да „одржува и развива нуклеарни и балистички ракетни програми“.

Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година поради програмата за нуклеарни и балистички проекти, а Советот за безбедност на ОН се обидува да го запре финансирањето на програмата со постојано зајакнување на санкциите.

Санкциите вклучуваат забрана за извоз на јаглен и друга стока и забрана за увоз на нафта.