Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека состојбата во градинките се уште е под контрола и оти во нив се почитуваат протоколите за работа. Големиот број изолирани, вели таа, се должи на тоа што само еден позитивен негувател или воспитувач во изолација носи цела група од најмалку 15 деца и негов колега од истата група.

Таа информира дека во изолација се 482 деца кои посетуваат градинка и 77 вработени во градинките. Вкупната бројка на позитивни од 9 септември до вчера е 26 позитивни деца и 92 вработени во градинките, кои не се само негуватели и воспитувачи, туку и градинари, готвачки, хигиеничарки и друг персонал.

– Уште со отворањето на градинките, на 9 септември ние бевме соочени со голем предизвик, затоа што пред се, најважно е здравјето на сите граѓани, меѓутоа врвен приоритет претставува здравјето на децата кои започнаа да посетуваат градинка. Ја следиме состојбата, правиме контроли, на дневно ниво добиваме извештаи за новопојавени позитивни случаи како на вработени, така и на деца, и можеме да кажеме дека состојбата се уште е под контрола. Тоа го велам затоа што бројот на деца кои што се позитивни, во однос на сите деца кои посетуваат градинка говори дека се почитуваат протоколите, здравствената состојба на децата и вработените е добра. Во јавноста ги коментираат бројките на лица кои се во изолација, меѓутоа ако еден неговател е позитивен, повлекува во изолација најмалку 15 деца и неговиот колега од истата група. Затоа бројот на изолирани делува голем и граѓаните поставуваат вакви прашања, кои се многу легитимни, рече министерката Шахпаска за  Утрински брифинг .

Таа нагласи дека здравствената состојба на позитивните деца и вработени во градинките е добра.

– Имаше само две хоспитализации, на едно дете и на еден вработен. Голем дел излегуваат од изолација и се враќаат во градинките, како децата така и вработените, објасни министерката.

Шахпаска потенцира дека во повеќе од девеесет градинки е направен надзор со цел да се потврди дали се почитуваат протоколите, а се прават и вонредни контроли во градинките каде што инспекторите утврдиле дека не се почитуваат котролите.

– Врз основа на тие вонредни надзори се даваат насоки да се отстранат недостатоците, а состојбата се следи непрекинато. Истовремено Државниот здравствен и санитарен инспекторат којшто е надлежен за спроведување на мерките од Протоколот, направи контоли на повеќе од 90 градинки, што значи секојдневно сме во тек со состојбата на терен, рече Шахпаска.