Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби политички азил во ЕУ, поточно во Унгарија, доби казна затвор од една и пол година, а екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна од една година за „поттикнување на насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година“.

Овој случај на бившото СЈО е познат и како „шамарите на (Андреј) Жерновски“, тогашен градоначалник на Општина Центар, кои никогаш не ги добил.

Како што е соопштено „како извршители на насилства пред Општина Центар на 7 и 10 јули 2013 година“, судијата Душко Јосифоски ги прогласи за виновни и им одреди условни казни од девет месеци на Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Трајче Петковски, која нема да се изврши ако во рок од 3 години не сторат ново кривично дело.

Обвинетите Даниел Трифуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор од 6 месеци која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети се задолжуваат солидарно да надоместат штета на Општина Центар во висина од 27.000 денари.

Обвинителството на минатото рочиште се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски.

Претходно за случајот вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, додека за седмообвинетиот Димче Крстев се води одвоена постапка.

Судијата на почетокот посочи дека, предметот му е доделен во јануари 2018 година.

Фатиме Фетаи не е задоволна

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека не е задоволна од изборот на видот и одмерувањето на висината на кривичната санкција за обвинетите во случајот „Насилство во Центар“ и најави дека Обвинителството ќе поднесе жалба на пресудите.

Не сум задоволна од изборот на видот и одмерувањето на висината на кривичната санкција. Сметав дека алтернативна мерка условна осуда доаѓа предвид само за осудениот Игор Бошковски, тоа и го кажав во завршниот збор. За другите обвинети сметав и се уште сметам и затоа ќе се жалам дека освен казна затвор не доаѓа предвид друг вид на кривична санкција, изјави Фетаи одговарајќи на новинарско прашање пред Кривичниот суд. 

Се работи, додаде таа, за суштинско менување на обвинението, технички измени и прецизирање во однос на работи кои не ја менуваат суштината на обвинението, не се работи за ново обвинение. 

-Во однос на денес донесената пресуда можам да кажам дека сум делумно задоволна од делот со кој е утврдена кривична одговорност на страна  на обвинетите за кои Обвинителството остана на обвинение. Тоа исклучиво зависи од умешноста на јавниот обвинител надвор од разумно соменавање да ги докаже кривичните дела и дејствијата кои им се ставаат на товар на обвинетите. Тоа нешто Обвинителството и го направи во овој случај, рече обвинителката Фетаи.

Таа најави дека во однос на кривичните санкции ќе има жалба од страна на Обвинителството, заради тоа што смета дека судот ги преценил олеснувачките околности кои стојат на страна на обвинетите  на сметка на отежнувачките. 

-Не е тоа дека нема докази против некого, ако внимателно го слушавте мојот завршен збор и таму во однос на Даниела Рангелова, кажав дека ова обвинение е поднесено во скратена постапка, во скратена постапка не постои обврска јавниот обвинител да ги испитува двете страни, туку обвинението беше поднесено исклучиво врз основа на исказите кои беа дадени од страна на оштетените, истакна Фетаи. 

Во самиот Закон за кривична постапка, како што појасни, предвидено е водење на јавна расправа каде двете страни ги спротивставуваат своите аргументи, постои можност секоја страна да ги испрашува сведоците на другата страна и на тој начин постои можност да се смени целата слика, односно да се добијат детали за дејствијата преземени од страна на секој од обвинетите.

-Бидејќи доказите кои беа изведени во текот на главната расправа упатија на поинаква слика во однос на дејствијата на Даниела Рангелова и од тие причини како Обвинителство се откажавме од обвинение против нејзе, рече Фетаи.  

Додаде дека периодот од четири години што цело време се спомнува, динамиката на водење на судењето не ја определува јавниот обвинител. – Ние секогаш сме биле присутни на судењата, никогаш не сме ги злоупотребиле нашите права што ни припаѓаат согласно закон во насока на одолговлекување на постапката, можеби еднаш до два пати се случило ние да отсуствуваме поради случаите со СЈО, нагласи обвинителката Фетаи.