Демонстранти се обидоа да го урнат споменикот на Ендру Џексон, седмиот претседател на САД, синоќа во парк во близина на Белата куќа, но полицијата ги растера пред да успеат да го урнат со јажиња.
Демонстрантите се обидоа да ја уништат статуата на Џексон што се наоѓа на плоштадот Лафајет, едно од главните жаришта на судири меѓу демонстранти и полицијата.
Познатата бронзена статуа е последна во низата споменици кои демонстранти низ САД се обидоа да ги урнат откако невооружен Афроамериканец, Џорџ Флојд почина при полициско приведување кон крајот на мај. Станува збор за споменици на историски личности кои демонстрантите ги сметаат за расистички или поврзани со ропство. Цел на демонстрантите најчесто беа споменици на генерали на Конфедерацијата, но беа уништени и статуи на Кристофер Колумбо.
Трамп напиша на Твитер дека многу луѓе биле приведени за „срамен вандализам“ во паркот Лафајет и за оштетување на надворешниот дел од црквата Св. Џон на плоштадот Лафајет.
„Десет години затвор според законот за зачувување споменици на ветерани. Бидете внимателни“, предупреди Трамп.
Инцидентот се случи доцна синоќа кога демонстрантите, кои претежно носеа маски поради пандемијата, пробија речиси двометарска ограда поставена последниве денови за да го заштити споменикот во во центарот на паркот.
Десетици припадници на безбедносните сили интервенираа и ги растераа со палки и солзавец.