Околу 1.600 американски војници се распоредени во околината на  Вашингтон и се наоѓаат во состојба на „зголемена готовност“, соопшти денеска Пентагон, во очекување на нови протести во градот.

Полицијата во Вашингтон употреби солзавец против демонстрантите, а голем број луѓе беа уапсени во Њујорк. Околу 10.000 луѓе протестираа мирно во Портланд.

Продолжуваат протестите против, како што е наведено, полициската бруталност и системскиот расизам во САД иницирани од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, а градовите се подготвуваат за нови немири по заканите на Трамп за употреба на сила. Демонстрантите синоќа маршираа низ улиците Вашингтон, Њујорк и Лос Анџелес.

Стотици лица се собраа во близина на оградата што ги спречува да влезат во паркот во близина на Белата куќа, каде во понеделникот со солзавец беа растерани мирните демонстранти за американскиот претседател Доналд Трамп да може да оди во блиската црква и да се фотографира со Библијата во рака.

Протестите од изминатите неколку дена повремено беа со насилства. Четворица полицајци се повредени во Сент Луис и еден во Лас Вегас за време на судири со демонстрантите. Илјадници демонстранти се уапсени низ целата земја, а има и загинати и потешко повредени.

За разлика од Трамп, американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека не поддржува активирање на војската за сузбивање на протестите, оценувајќи дека војската треба да се користи кога ќе бидат исцрпени сите други можности, јави Си-Ен-Ен.

– Законот за немири постои за најургентните и најделикатни ситуации, кога се ангажираат војници на задачи од надлежноста на полициските служби. Сега не е таква ситуација и јас не го поддржувам тој предлог, потенцираше Еспер.