Борбите во градот Рафа и во јужниот дел на Газа продолжуваат и покрај вчерашната најава на израелската армија за тактички паузи во операциите за да се дозволи влез на хуманитарна помош, изјави денеска во Осло шефот на Агенцијата на Обединетите нации за помош на Палестинците (УНРВА).

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера ги критикуваше плановите на армијата да воведува дневни прекини на огнот долж еден од главните патишта до палестинската енклава.

Филипе Лазарини, шеф на УНРВА, сепак, рече дека немало пауза. „Имаше информации дека е донесена таква одлука, но политичкото ниво вели дека таква одлука не е донесена“, рече Лазарини на прес-конференцијата.

„Затоа, засега можам да ви кажам дека борбите во Рафа и на југот на Газа продолжуваат и дека оперативно ништо досега не е променето“, додаде тој.

Израелската војска во понеделникот објави дека нејзините сили ги продолжуваат операциите во областа Рафа, кои вклучуваат тесна борба со милитантите и заплена и уништување оружје.

За викендов, армијата најави дневни паузи од 7 до 18 часот во областа од преминот Керем Шалом на југот на Израел до патот Салах ал-Дин, а потоа и понатаму кон северот. Подоцна појасни дека нормалните операции ќе продолжат во Рафа, главниот фокус на неговите операции во јужниот дел на Газа.