Неколкукратните обилни врнежи и се повисоките температури создадоа услови за забрзано размножување на комарците и другите инсекти во Скопје. Првото прскање против комарци на подрачјето на градот оваа година заглави во тендерските процедури додека граѓаните се жалат на социјалните мрежи дека немаат мир од овие инсекти.

– Прскањето годинава доцни, бидејќи тендерот беше обжален поради сомнение дека набавените препарати се штетни за граѓаните, изјави деновиве градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Минатите години тендерската постапка за првото прскање против комарци во главниот град вообичаено се распишувала во рана пролет, а оваа година првата акција за прскање против комарци доцни.

Лани првото прскање беше на 4 јуни. Низ летото се врши неколкупати, најчесто во три наврати, со запрашување од воздух и на земја. Во други градови низ Македонија во источниот, западниот и централниот дел веќе е извршено авионско прскање, а жителите на главниот град се уште бараат спас од комарците.

Додека Шилегов го реши проблемот со тендерот и авиопрскањето, еве неколку совети како да се заштитите од наездата на комарци:

Постојат многу препарати за спречување на убодите од комарците, но и алатки кои ги одвраќаат од вашиот дом. Можете да набавите етерични масла кои се горат во свеќник, но се повеќе популарни стануваат и маслата кои согоруваат преку вклучување во штекер и кои немаат впечатлив мирис или речиси и воопшто немаат никаков мирис, а производителите тврдат дека не се штетни.

Поевтина варијанта е да набавите свеж босилек кој овој период се продава на пазарите. Босилекот можете да го поставите блиску до креветот или пак да го оставите во вода до прозорецот.

Комарците најчесто се собираат на влажни или мочурливи средини. Затоа, доколку живеете во двор и се разладувате со студена вода, внимавајте притоа да не создавате вирчиња кои се удобно живеалиште и услови за размножување на овие досадни инсекти.