Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска се пофали со набавката на шест автомобили со кои ќе се вози градската администрација и за кои од буџетот што го полнат граѓаните се платени 6,3 милиони денари.

– Исполнуваме уште едно од предизборните ветувања, дека Градот Скопје и градската администрацијата ќе бидат пример и стимулатор на еколошкиот начин на живеење. За потребите на градската администрација набавивме шест нови хибридни автомобили од марката „тојота јарис“ во вкупен износ од 6,3 милиони денари, се пофали Шилегов.

Тој додаде дека „со тоа го обновуваме остарениот возен парк на градската администрација“.

– Последната набавка на возила во Град Скопје била во 2012 година кога биле набавени дизел автомобили „форд фиеста“, кои се нееколошки возила – рече Шилегов на промоцијата на новите еко-возила.

Пред да дојде „живот за сите“, додека беа во опозиција автомобилите ги „конвертираа“ во возила за брза помош, а сега како еколошки проекти. Брзата помош, која има возила стари и преку 30 години, може да почека. Важно е администрацијата да се вози и да не загадува со возила „стари“ 7 години од времето на „режимот“ на Коце Трајановски.

(Д.Г.)