Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов по одговорот што вчера го доби од МПЦ денеска рече дека останува на ставот дека православните вернници во Македонија треба да ги слават Велигден и Божик заедно со припадниците на католичката и протестантската верска заедница.
– Во христијанството не се слават датумите, туку Бог. Тогаш ирелевантен е датумот. Она што јас лично го размислувам е дека тој тип на големи празници треба да го славиме сите заедно. Во што верувате вие – во датумот, или во Господ? Тоа е прашањето што секој треба да си го постави. Освен ние, Србија и Русија не постои друга држава што го применува Јулијанскиот календар. Јас немам намера да влезав во расправија со МПЦ или со Синодот. Секој си има свое мислење, рече Шилегов.
Тој минатата недела на прес-конференција по повод новогодишното украсување на главниот град ја повика Македонската православна црква да го прославува Бижик според Грегоријанскиот наместо според Јулијанскиот календар.
Мотивот на Шилегов за овој предлог е тоа што минатата година новогодишната програма не била интересна за граѓаните по Нова година, односно во периодот до 7 јануари кога се празнува Денот на Христовото раѓање.
– Минатата година работевме до Божик, ако се сеќавате, меѓутоа не беше веќе голем интересот на граѓаните. Некако како да се празни атмосферата околу новогодишните празници. Можеби правото прашање е зошто МПЦ не го смени календарот, па да го правиме Божиќ како цел свет, рече Шилегов.