Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез и лидерот на конзервативната опозиција Алберто Нунес Фејхо се судрија вчера во жестока дебата во парламентот во екот на неколку одделни истраги за корупција против политичари од двете најголеми партии во земјата, јави шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Санчез, кој ја предводи владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија (ИСРП), ја повика гувернерката на Мадрид и околниот регион, Изабел Дијаз Ајусо, од опозициската Народна партија (НП), да поднесе оставка бидејќи против нејзиниот партнер, Алберто Гонзалес Амадор, се води истрага за даночна измама.
Феихо, пак, го критикуваше премиерот и неговата партија поради истрагата за корупциска шема, наводно поврзана со Колдо Гарсија, советник на поранешниот министер за транспорт во владата на Санчез, Хозе Луис Абалос.
Гарсија е обвинет дека добил провизија, наводно платена во врска со набавка на медицински маски за време на пандемијата на Ковид-19.
Во рамките на истрагата се споменува и поранешниот гувернер на Балеарските Острови од ИСРП Франсина Арменгол.
Обвинителите го обвинуваат Гонзалес Амадор и уште четири лица дека извлекле 350.951 евра од буџетот помеѓу 2020 и 2021 година преку шема со лажни фактури и фиктивни компании.
Неколку шпански медиуми јавија дека Гонзалес Амадор наводно побарал вкупно два милиони евра провизии за да дејствува како посредник при купување и продажба на медицинска опрема за време на пандемијата.