Терористичките напади во Шри Ланка извршени за католички Велигден оваа година може да предизвикаат губење на приходите во туристичкиот сектор до 1,5 милијарди долари, објави министерот за финансии.
-Поради тие напади, туризмот ќе биде најранливата економска гранка на долг рок, и очекуваме пад на бројот на туристи од 30 отсто, што значи загуби од околу 1,5 милијарди долари, изјави Мангала Самаравера.
Во 2018 година, Шри Ланка имаше рекорден број од 2,33 милиони туристи, и приходи од 4,4 милијарди долари. Во 2019 година се очекуваа приходи од туризмот од пет милијарди долари.
Бомбаши-самоубијци нападнаа цркви и луксузни хотели во неделата изутрина на Велигден при што загинаа 253 лица. Одговорност за нападот презема терористичката група Исламска држава(ИС).
Министерот за финансии, врз основа на искуствата на Франција, Белгија, Шпанија и Тунис, очекува закрепнување во туристичкиот сектор за околу две години.