Тоа е истата болест, вели главниот државен епидемиолог на Шведска, Андрес Тегнел за новиот сој на коронавирусот.

Тој за АФП вели дека Шведска нема намера да ја менува својата стратегија за пандемијата поради појава на сојот омикрон.

– Тоа е истата болест. Имаме причина да веруваме дека мерките кои досега ги преземавме беа ефикасни против овој сој, вели Тегнел за француската новинска агенција.

Тегнел додава дека се уште постојат сомневања и загриженост околу тоа колку постоечките вакцини ќе бидат ефикасни против мутантот омикрон.

Во Шведска досега се потврдени четири случаи од омикрон, а сите се поврзани за патувања во Јужноафриканската Република.

Во Шведска од денеска организаторите на собири со повеќе од 100 луѓе, во културата, спортот и забавата, ќе мора од учесниците да бараат потврда за вакцинација или воведување дополнителни мерки, како што е одалеченост и ограничен број учесници.

Мерките не се однесуваат на ресторани, кафеани, продавници, училишта, јавен превоз и јавни установи. Бројот на заразени пораснал во последните денови, но Шведска и натаму е земја со најнизок степен на заразени и смртност во Европа. Во последните седум дена од Ковид-19 починале вкупно 20 лица.

Во болниците се лекуваат 291 пациент од коронавирусот, од кои 41 се на интензивна нега. Во Шведска 79 отсто од граѓаните постари од 12 години се вакцинирани со две дози.