Шведскиот Парламент денеска му изгласа недоверба на премиерот Стефан Ловен, јави ДПА.

„За“ доверба на Ловен се изјаснија 142 пратеници од левицата, додека 204 претставници на десноцентристичките партии и екстремистичката антимигрантска партија Шведски демократи гласаа „против“.

Гласањето доверба на актуелниот премиер во Парламентот е задолжително по одржувањето парламентарни избори во Шведска. Согласно законот, гласањето се спроведува најдоцна во рок од две недели по конститутивната седница на новиот состав на Парламентот, која се одржа вчера.

На изборите во Шведска на 9 септември левоцентристичкиот владејачки блок на Ловен освои 144 места, а десноцентристичката опозициска Алијанса 143 во 349 -члениот Парламент.

Со ваквиот распоред на силите партијата Шведски демократи, која има 62 пратеници, ќе има клучна улога во формирањето на новата влада по изгласаната недоверба на Ловен.