САД располагаат со разузнавачки информации кои укажуваат дека на руските воени команданти им е наредено да извршат напад врз Украина, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на две официјални лица и трет извор со информации од американското разузнавање.

Разузнавањето за наредбите на Кремљ до руските тактички команданти и оперативци е еден од показателите што САД ги следат за да проценат дали подготовките за воена акција влегле во фаза на потенцијална инвазија.

Други показатели се електронското заглавување и големите кибер напади – досега не е забележана вонредна активност во тие области, според некои извори.

Од друга страна, соговорниците на Си-Ен-Ен предупредуваат дека наредбите секогаш може да се отповикаат или дека тоа би можело да биде дури и контролирано објавување на дезинформации кои имаат за цел да ги збунат и да ги доведат во заблуда САД и нивните сојузници.

Според друг американски функционер, разузнавачките информации ги дознале минатата недела и ги информирале за тоа претседателот Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен.