Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој денеска е во посета на Република Македонија, изјави дека екстрадицијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.
– Ова не е политичко, туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и во Унгарија политичарите во врска со тоа не може да поставуваат прашање, изјави Сијарто на заедничката прес-конференција во МНР со шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто Унгарија не го испорачува Груевски.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија во 2018 година доби политички азил. Тој е осуден во предметот „Тенк“ на две години затвор за набавката на блиндираниот мерцедес, кој денес го користи актуелната власт, за сопствени потреби, како и за превоз на високи странски гости кои доаѓаат во посета на Македонија.
Пред да биде осуден Груевски, како и во текот на политичката хајка против него, сегашнава власт која тогаш беше опозиција, ја убедуваше јавноста дека веднаш ќе го продаде мерцедесот и од парите ќе купи повеќе амбулантни возила за брза помош.
Но, до денес, ништо не се случи со мерцедесот, освен „возење на јавноста“ со популистичките ветувања на возилото, како и возење со истиот мерцедес на политичарите кои ветуваа негова продажба, а за кои Груевски доби казна затвор.