Земјотресот со јачина од 7,6 степени е најголемиот регистриран на полуостровот Ното во префектурата Ишикава од почетокот на евиденцијата во 1885 година, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Официјален претставник на агенцијата, исто така, вели дека предупредувањето за цунами издадено претходно е првото големо предупредување од ваков вид од март 2011 година, кога Јапонија беше погодена од еден од најмоќните земјотреси досега.

Тој додаде дека постои зголемен ризик од одрони и пожари во погодените подрачја.

Властите сè уште го проценуваат обемот на штетата и жителите мора да се подготват за нови земјотреси, предупреди јапонскиот премиер Фумио Кишида.

– Жителите мора да останат внимателни за понатамошни можни последователни потреси и ги повикувам луѓето во областите каде што се очекува цунами да се евакуираат што е можно поскоро, рече Кишида.

Во меѓувреме, јапонските власти издадоа ново предупредување за земјотреси низ целата земја. Предупредувањата сега ги вклучуваат префектурите Ишикава, Ниигата, Нагано и Тојама.

Повеќе од 30 земјотреси – со магнитуда од 3,6 до 7,6 степени – ја погодија централна Јапонија во последните три часа.

Голем пожар, за кој се верува дека е поврзан со земјотресите, избувна во Ваџима. Снимката што ја објави јапонската телевизија NTV покажува имот во пламен во градот лоциран во префектурата Ишикава.

Фото: Скриншот