Данската кралица Маргарета Втора ќе абдицира на 14-ти јануари следната година по 52 години на престолот, а ќе ја наследи нејзиниот најстар син, престолонаследникот Фредерик, објави кралицата во неделата во својот новогодишен говор.

Кралицата Маргарета Втора, на 83-годишната возраст, која го презеде данскиот трон во 1972 година, е најдолговечниот европски монарх по смртта на британската кралица Елизабета Втора во септември 2022 година.

Во февруари таа успешно го оперирала ‘рбетот.

„Операцијата природно ме поттикна да размислувам за иднината – дали е дојдено времето да ја предадам должноста на следната генерација“, рече кралицата Маргарета Втора во говорот.

„Одлучив дека сега е вистинското време. Ќе се повлечам од функцијата кралица на Данска на 14-ти јануари 2024 година, 52 години откако го наследив мојот сакан татко“, рече кралицата на Данска.

Кралицата Маргарета, родена во 1940 година, цел живот ужива во широката поддршка на Данците, кои ја сакаат нејзината тактичност и креативност.

„Го оставам тронот на мојот син, престолонаследникот Фредерик“, рече таа.

Во Данска, формалната власт ја имаат парламентот и владата. Се очекува монархот да биде над партиската политика и да ја претставува нацијата со традиционални функции како што се државни посети и прослави на националните празници.