Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската Унија на регионот, потенцирајќи го нејзиниот индивидуален придонес во забрзување на регионалните евроинтеграциски процеси.

Според претседателката, како што се посочува во соопштението по средбата, иако нашата држава не е формално меѓу западнобалканските држави со најголем напредок, таа, низ призма на двата најважни елементи: техничката подготвеност и геополитичката усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, заслужува да биде со нив, наместо на споредната патека.

Кабинет на Претседател

– Причината за македонското отсуство од друштвото на најуспешните, за неа е во давањето примат на наметнатиот билатерален спор пред Копенхашките критериуми?! – се наведува во сооштението.

Претседателката изразила цврсто уверување дека гарантирањето исти можности за нас како оние за Украина и Молдавија, со сигурност ќе ја зајакне нашата институционална подготвеност и ќе ја обнови нашата доверба и мотивација за европеизација, што ќе го забрза реформскиот курс.

Кабинет на Претседател

Исто така, претседателката Сиљановска-Давкова потсетила на потребата да се одржи политичка Меѓувладина конференција, согласно новата методологија и Преговарачка рамка, како и регуларен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, потенцирајќи ја важноста на практикувањето витален интеграциски процес, што ќе резултира со видливи резултати за македонските граѓани.

Како што се посочува во соопштението претседателката на Европската комисија истакнала дека нашето место е во Унијата, којашто ќе продолжи сестрано да нѐ поддржува на реформскиот, евроинтеграциски пат, оценувајќи ги досегашните реформи како импресивни.

– Фон дер Лајен, укажувајќи на неопходноста од деблокада на нашето напредување кон ЕУ, во духот на европските вредности, изрази уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интензивни и сестрани средби и дијалог, коишто треба да почнат час поскоро – се наведува во соопштението по средбата со претседателката Сиљановска- Давкова.