Кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во обраќањето на митингот во Општина Карпош ги претстави насоките по кои ќе се раководи во извршувањето на функцијата доколку ја добие довербата од граѓаните. Таа, исто така побара жените повеќе да се занинаваат со политика и со својата посветеност и пожртвуваност да и помогнат на државата.

-Морам да ги охрабрам жените да се занимаваат со политика. Политиката е во женски род. Дури маж и жена прават човек не смее Македонија да се откажува од 50 проценти ум, знаење, креација, посветеност како што сме посветени секаде сигурно ќе бидеме посветени и во негувањето на Македонија, а таа ќе биде горда на нас и на вас сите, рече Силајновска Давкова.

Таа рече дека за неа еден од најважните приоритети е доброто образование и оти нема подобра инвестиција од тоа.

-Мое решение – во претседателскиот кабинет и околу мене ќе формирам совет за млади. Доста со тезите дека на младите им припаѓа иднината. Младите мора и сегашноста да ја земат во своите раце. Една умна влада, а се надевам дека таква ќе биде бидејќи нема веќе избор – до ѕидот на срамот сме доведени зошто дијагнозата за нас како што гледате на Фридом хаус е што – цикличен хибриден режим, вртење во круг. На тоа мора да се стави крај и мораме да исчекориме, рече Силјановска Давкова.

Најави враќање на народните канцеларии за да може полесно да го чуе гласот на народот, вето на владини закони ако тие се во спротивност со уставот, предлагање на, како што рече, врвни правници, а не партиски лица во Судскиот совет и во Уставниот суд, како и врвни експерти во Советот за безбедност. Ќе се залага за вклучување и ангажирање на македонската дијаспора во повеќе сегменти од општествениот и политичкиот живот.

-Понатака, во дипломатијата нема да одат дилетанти, импровизатори, луѓе кои ја навредуваат Македонија, а не ја прават горда – скандал мајстори. Ќе одат луѓе кои се најдобра слика за Македонија. Така ние ќе бидеме почитувани, истакна Силјановска Давкова додавајќи и оти доделувањето на наградите кои се во ингеренции на претседателот ќе биде на лица кои тоа навистина го заслужуваат.

Во однос на Еврпската Унија, таа рече дека реформите кои се прават и зачленувањето во ЕУ како приоритет не треба да биде само флоскула туку дека земјава треба да направи се дома да си ги воспостави потребните стандарди. Но, според неа, дел од вината има и самата Унија која не ни подала рака навреме.

-Замислете ако навистина ни подадоа рака уште во 2008 година. Се ќе беше поинаку. Во спротивно, само ги охрабрија балканските канибали, ги охрабрија – токму така, а тие како што гледате се однесуваат како карикатурални цезари и бонапарти, нагласи таа.