Гордана СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

Вонредната состојба, Карл Шмит ја квалификува како „ИСКЛУЧОК“. Во „исклучокот“ се живее по посебни правила и мерки: следење, контрола, санкционирање. Во името на битката со опасниот, невидлив непријател, се отвора широко поле за ограничување и кршење на основните човекови права, но тоа не смее да премине во нивно суспендирање. Полицискиот час не смее да значи полициска држава. Експертите и борците за човекови права предупредуваат на нужноста од пропорционалност на рестрикциите за заштита од опасноста. Ограничувањата не смеат да бидат дискриминаторски по која било основа: раса, етнос, социјален статус, родова припадност, вера, сексуална ориентација, возраст. Прашање е дали плаќањето за тестирање не ги дискриминира луѓето, по основа на социјалниот статус? А, дискриминацијата на деветчлената музичка група од наши сограѓани, Роми, сместени во Пепелиште, соочени со катастрофални услови, кои не ги видоа министерката за одбрана и министерот за здравство?! За што дојдоа, да се сликаат или да ги проверат условите? Не верувам дека во вонредна состојба дискриминираните ќе покренат иницијатива пред Уставниот суд за утврдување кршење на недискриминаторската клаузула од член 9 на Уставот, повикувајќи се на правото на еднаквост. Туку, зошто да го „вознемируваме“ Уставниот суд за време на КОВИД-19? ? Знам дека звучам наивно кога го повикувам да се подума околу уставноста на некои уредби со законска сила, ама … ?! Зошто мандатот на уставните судии се продолжува во воена и вонредна состојба, според член 128 од Уставот, ако нема потреба од нив?
Во моментов, во светот тече бурна дебата за заканите по приватноста при електронското следење на заразените лица или на изолираните и самоизолираните лица, за кое тие мора да бидат информирани. Се отвора дилемата за можното следење и на други лица. Стравот за здравјето, поттикна некои луѓе да бараат, дури и имињата на позитивните на КОВИД-19 да бидат објавени, што е закана по приватноста и по човечкиот интегритет и може да доведе до нивно понижување, па и тортура кон нив.
Во врска со неприкосновеното право на живот, прашање е, дали медицинскиот персонал што мора да биде, а не е соодветно заштитен, не го ризикува животот? Или, дали уставно загарантираното право на живот, не им е de facto релативизирано на оние што не можат да платат за тестирање, ниту да си допуштат минимални заштитни средства?