Одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година го доведува во прашање терминот за одржување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија планиран да биде спроведен во периодот, изјави денеска на прес-конференција директорот на Државниот завод за статситика Апостол Симовски.

– Терминот април е воопшто непогоден за спроведување на пописот со оглед на тоа што веќе се закажани изборите и истиот ќе треба да се пролонгира. Можноста да се спроведе попис пред изборите, исто така,  технички невозможна, бидејќи пописот е исклучително голема операција и самата организација е невозможно да се спроведе пред април месец, изјави Симовски.

Нагласи дека планираниот термин за спроведување на пописот од 1 до 21 април 2020 година се уште не е утврден бидејќи Законот за попис се уште не е донесен, како и дека е непогодно во исто време да се спроведува вака сложена статистилка операција и да се спроведуваат избори во државата.

– Кога и како евентуално би се спровел пописот не можеме да одговориме во овој момент, бидејќи тоа е одлука на парламентот. Тој треба да го донесе Законот за попис, а претходно и одлука на Владата бидејќи предлагач е Министерството за правда. За овој термин ќе дозволите да се направат консултации со овие две институции кои се одговорни за носење на овој закон, изјави Симовски.