Синди Крафорд е една од вечните убавици за кои годините се само бројка. Може со шминка, но може и без шминка. И не е загрижена да се покаже на своите 3.6 милиони следбеници во Инстаграм како изгледа без шминка.

Поранешниот топ-модел пушти свое селфи од фитнес-салата, кон што додаде „Early bird hits the gym“ – нешто како нашето „која рано рани“, само што во спортско-западњачка опција.

„Староста е факт и, генерално, ниту јас, ниту некој друг нема добар избор во овој поглед. Но, не сакам луѓето на социјалните мрежи да ми зборуваат колку сум стара. Јас го знам тоа. Токму овој аспект од нашето општество, во кој многу сакаме да критикуваме, ме прави тажна, страшно многу “, изјави пред некое време Крафорд.

Можеби затоа таа не е загрижена да пушта свои фотографии без шминка, провоцирајќи на тој начин и многу злобни коментари. Но, таа знае како да им одговори.

„Немам потреба сите во Инстаграм да ми објаснуваат колку различно изгледам сега, во споредба со пред 20 години. Јас го знам тоа. И без разлика што правам за својот изглед и како се одржувам, никогаш нема да изгледам како на 20 или 30. Целта ми е да изгледам одлично како за 50-годишна. Вежбам, јадам здраво, многу се грижам за мојата кожа. Но, постои огромен притисок врз жените да го прават она што е всушност невозможно – да не стареат. И мислам дека најразумниот начин да остариш, е да го прифатиш тоа“, вели таа.