Тетовските пожарникари во текот на ноќта интервенираа на две запалени возила сопственост на електродистрибутивната компанија ЕВН Македонија.

-Околу полноќ голем број граѓани се јавија да пријават дека има запалени возила. Интервениравме на запалено возило на улица „Иво Рибар Лола“ и во станбениот комплекс Блок 70. По кратка интервенција двата пожари се локализирани и изгаснати, изјави Ука Алити, командант на Тетовската терирторијатла противпожарна единица.

Увид на местата на опожарените возила изврши тетовската полиција.

Инаку, за денеска се најавени протести во шест македонски градови против зголемувањето на цената на струјата.

Протестите во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга ќе почнат во 18 часот, а во Куманово во 14 часот.

Се бара укинување на одлуката за поскапување на електричната енергија од 7.4%, распуштање на Регулаторна комисија за енергетика и формирање на тело во Собрание кое ќе ги разгледа и адресира сите жалби на граѓаните кон енергетските компании.

-Регулаторната комисија за енергетика веднаш да ја укине одлуката за поскапување на електричната енергија за 7.4 отсто и да ја намали цената за потрошувачите за 46 отсто. Владата да го намали ДДВ од 18 во 5 отсто, да го елиминира монополот на компанијата ЕВН со укинување на договорот со цел да и се стави крај на нивното некоректно и нечовечко однесување. Да се национализира дистрибутивната мрежа и да создаде олеснителни политики за простување на долгот на социјалните случаи, вели Кренар Османи, пренесе ТВ21.