Со 45,47 отсто од гласовите, Стефанос Каселакис победи на вчерашните избори за лидер на СИРИЗА, но без да го достигне потребниот процент за избор во првиот круг, па така заедно со Ефи Ахциоглу, која доби 36,21 отсто, влегуваат во вториот круг што ќе се одржи следната недела, јави дописничката на МИА од Атина.

На изборите за претседател на партијата имаше голем одѕив, па гласањето беше продолжено за еден час, а гласале 146.635 членови на СИРИЗА од кои дел се нови, кои се зачлениле вчера.

Бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД, а речиси во последен момент ја достави кандидатурата за лидер на СИРИЗА, по соопштувањето на резултатите доцна синоќа рече дека „беше направен првиот чекор за земјата набргу да добие прогресивна Влада“.

Поранешната министерка и актуелна пратеничка од СИРИЗА Ефи Ахциоглу рече дека следната недела ќе биде пресудна и ќе се одреди дали „битките што ќе се водат политички или не“, но и дека опозициската партија „не може да плови во матните води на лесни решенија“.

За претседател на СИРИЗА кандидирани беа поранешните министри и актуелни пратеници од СИРИЗА Ефи Ахциоглу, Ефклидис Цакалотос и Никос Папас, поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас и бизнисменот Стефанос Каселакис.

Вториот круг на изборите за претседател на СИРИЗА ќе се одржи в недела на 24 септември.

Кратка биографија на Каселакис

Роден е во Маруси, Грција во 1988 година, а на 14-годишна возраст емигрирал во САД каде добил стипендија за средно училиште во Масачусетс, откако претходно освоил сребрен медал на натпреварот „Архимед“ на Грчкото математичко друштво и ја преставувал Грција на балкански натпревар.

Дипломирал на отсекот финансии на Факултетот за бизнис во Вартон, а има и диплома за меѓународни студии. Во САД волонтирал и во тимот на тогашниот сенатор Џо Бајден за претседателските избори во 2008 година.

Работел и во надворешно-политичкиот тинк-тенк „Центар за стратешки и меѓународни студии“ во Вашингтон, САД.

За време на економската криза во Грција, тој ја основаше непрофитната онлајн платформа „CVfromGreece“, преку која им помагаше на младите да ги подобрат своите биографии за апликации за работа или студирање во странство.

Каселакис живее во Мајами, САД, зборува англиски, германски, француски и шпански јазик. Важи за голем пријател на животните и голем борец за еднаквост и социјални права. Исто така тој е отворено геј, а во јавноста се појавува со неговиот дечко од САД.