Водечкиот опозициски кандидат за претседател на Мали, Сумајла Сисе, изјави дека ги отфрла резултатите од првиот круг на гласањето, според кои, треба да има втор круг меѓу него и сегашниот шеф на државата, Ибрахим Бубакар Кејта.

– Кажувам гласно и јасно, овие резултати не ја одразуваат волјата на Малијците, подвлече Сисе.

– Тоа се резултати од измама, срамно полнење на кутиите со гласачки ливчиња во корист на Кејта. Тие се плод на големи неправилности и намерни прекршувања на изборниот закон, рече тој.

Сисе изјави дека планира да поднесе жалба до Уставниот суд.

Ниту Кејта, ниту Сисе успеаја да соберат мнозинство гласови во првиот круг на изборите на 29-ти јули, кои беа напнати, но мирни.

Според изборната комисија, Кејта освоил 41,4 отсто од гласовите, а следен е Сисе со 17,8 отсто.