Противпожарна скала за 1,7 милиони евра купил скопскиот градоначалник Петре Шилегов, според документ кој денеска се вртеше на социјалните мрежи, а неговата веродостојност досега не е демантирана.

Скалата, како што се гледа од документот, била набавена од Будимпешта.

Купопродажниот договор го објави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Повод е вчерашниот скандал кај Галичник каде старо противпожарно возило упатено на гаснење пожар беше влечено од друго теренско возило.

Шилегов набрзо му одговори на Мицкоски:

-Додека ти Христијане ја замараш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на персоналот и вршиме технички прием на противпожарната скала, новото добро во нашиот град, напиша Шилегов на Фејсбук.

Со тоа Шилегов индиректно признава дека таква скала навистина била набавена.

За гаснење на големиот пожар во Галичник вчера ги немаше и авионите што ги набави претходната власт, а неофицијално, тие подолго време биле на сервисирање.