Доколку во рок од 48 часа не се извинат до редакцијата на Инфомакс, владиниот шеф за односи со јавност Марјан Забрчанец и советникот за „пиар“ Петрит Сарачини, ќе добијат тужби за клевета и навреда, тужби кои не се бришат како коментарите на Фејсбук кои токму Забрчанец ги брише доколку не му одговараат, пишува порталот Инфомакс.
Двајцата членови на владиниот тим, како што пишува порталот, заработија тужби за навреда и клевета од новинари кои се обвинети дека монтирале видеа на кои се слуша како на прославата на Илинден во Крушево, членови на СДСМ скандираат „Северна, Северна“ на Мечкин Камен.
Инфомакс пишува дека Владимир Христовски, поддржувач на СДСМ од Велес, чиј коментар набрзо бил избришан на постот на Забрчанец, му одговара дека не е лажна вест и дека скандирале „Северна“, како одговор на дијаспората која скандирала „никогаш Северна, само Македонија“.
Советникот за медиуми на премиерот Заев, Марјан Забрчанец и советникот за медиуми во Владата Петрит Сарачини тужбите ги заработиле откако вечерва без да го проверат материјалот објавен од Инфомакс.мк обвинија дека бил монтиран и го квалификуваа како лажна вест.
Александар Митевски уредник на Инфомакс.мк вели дека медиумот е подготвен снимката на која се слуша како членовите на СДСМ скадираат „Северна“, да биде анализирана од референтна компанија за аудио технологија за да се види дали лаже Владата или новинарите.
– Згрозени сме од обидот Владата со помош на лажни вести да дискредитира и да заплашува новинари и медиуми. За искажаните лаги веднаш поднесуваме тужба за клевета и навреда со побарување за оштета од 3 милиони денари. Иако голем дел од судството е под контрола на владата за која работат, Забрчанец и Сарачини можат да се спасат само ако јавно се извинат и ветат дека во иднина нема да користат лажни вести и евтини пропагандни финти за да замолчат медиуми, вели Митовски.
По обвинувањата од Забрчанец и Сарачини дел од медиумите од страв од санкции ги повлекоа пренесените вести за скандирање „Северна“ на Мечкин Камен.
Пред една недела токму Владата објави план за борба против лажни вести.