Исклучен котел и млаки радијатори во ООУ „Блаже Конески“ – злоупотреба на децата за политичките цели на директорот Јованче Манасков, обвинува градоначалникот на Велес, Марко Колев, чии ингеренции се одземени од страна на МОН.

-Бројни реакции од загрижени родители за состојбата со греењето во ООУ „Блаже Конески“ пристигнаа до мене поради што утрово заедно со општинските и инспекциските служби бев таму и се уверив во она од кое се плашев – незаконски поставениот директор Манасков ги злоупотребува децата за свои лични и партиски цели. Додека во јавноста се пласираат информации за наводно кратење на средства од Општината за набавка на нафта реалноста е дека во резервоарот има доволно нафта, а радијаторите се млаки бидејќи работи само едниот котел а вториот е исклучен по наредба на директорот. Ваква наредба од него имало и за забрането уклучување на дополнителни грејни тела во училниците како што било пракса во изминатите години, вели градоначалникот.

Наместо организирање на воспитно образовниот процес и раководење со училиштето, директорот во континуитет делува единствено против интересите на децата и за свои цели директно им наштети на околу 1100 деца и нивните семејства.

-Имено, минатата 2023 година поради недомаќинско планирање на буџетот ова училиште врати речиси 10 милиони денари кон државата, средства кои можеше да ги пренамени за набавка на нафта или други потребни материјали и инвестиции. Оттука, крајно неодговорно и безобразно е префрлањето вина кон општината за прикривање на сопствената неспособност. Апелирам до дел од наставниците да не потпаѓаат под овие манипулации и да шират паника кај родителите, туку да продолжат со професионално извршување на својата работа. Воедно, го повикувам министерот за образование  Јетон Шакири кој му го даде мандатот на директорот да ги испрати своите служби итно да постапат и да не дозволат и понатаму партиските интереси да бидат над добросостојбата на децата. Родители, ве уверувам дека овој проблем ќе биде надминат, како што се надминувале секогаш во минатото кога од другата страна имало волја за комуникација и соработка, а со задолжување од инспекциите веќе од утре децата ќе учат во затоплени простории, посочи Колев.