Претпладнево владата ги спречи новинарските екипи на новинската агенција Курир и Радио Лидер да присуствуваат на настанот на премиерот Димитар Ковачевски. Тие беа спречени да земат изјава од премиерот, а од какви прашања се исплаши тој, останува да видиме.

Иако двете редакции одамна се акредитирани од страна на Владата, а двајцата новинари кои се обидоа да присуствуваат на настанот се членови на ЗНМ и уште неколку меѓународни новинарски организации, од обезбедувањето на капијата на фабриката која ја посети премиерот им беше побарана некоја посебна акредитација за настанот.

Новинарите им ги покажаа новинарските легитимации и ги информираа лицата од обезбедувањето дека имаат добиено покана од владата да присуствуваат на настанот, по што добија одговор дека не смеат да влезат внатре.

Премиерот Ковачевски овој период треба да одговори на прашања за бројните проблеми и скандали, па изгледа на настан селектира кои новинари можат да му поставуваат прашања.

Поради забраната за присуство, денес не успеавме да го прашаме за новата Тиранска платформа и можното разрешување на Оливер Спасовски.

Редакциите ќе испратат и барања се реакција од новинарските здруженија во земјава.