Трката во алпска комбинација во италијанското одморалиште Ла Туил за Светскиот куп кај дамите, што требаше да се одржи денес, е откажана.

Причината е силниот снег синоќа, што ја направи подготовката на трасата невозможна. Трката нема да биде презакажана, што значи дека Италијанката Федерика Брињоне го освои малиот Кристален глобус во дисциплината со 200 бода. Швајцарката Венди Холденер е втора со 125, Чехињата Естер Ледечка ги комплетира првите три со 100 бода.

Откажувањето на трката значи дека до крајот на сезоната остануваат само седум трки во женскиот Куп – 3 во Оре, Шведска викендот од 12-14 март и финалето на Светскиот куп од 18 до 22 март во Кортина д’Ампецо, Италија.

Во пласманот на Светскиот куп пред последните седум старта, Брињоне има 1.378 бода на чело, пред Американката Микаела Шифрин со 1.225 поени и Словачката Петра Влхова со 1.189 поени.