Пишува: Џејмс СКОТ ТРИМ

(авторот e рабин, живее во САД)

Семитски Нов завет е тековен проект што ќе овозможи нов и точен превод на Новиот завет изведен пред се од стари хебрејски и арамејски извори. За разлика од повеќето преводи, ова издание нема да се заснова на грчки хеленистички текст. Овој превод ќе се обиде да го долови текстот на Новиот завет врз основа на јазиците на кои е првично напишан, а тоа не е старогрчкиот јазик.

Ова е важно затоа што има некои пасуси во Новиот завет кои воопшто немаат смисла на грчки јазик, а добиваат смисла само ако ги разгледуваме како текст кој во оригинал е напишан на хебрејски или арамејски јазик.

На пример во Делата на светите апостоли, 11:27-30 (11 глава 27 до 30 стих) се вели:

„А во тие дни слегнаа од Ерусалим во Антиохија и пророци.
И еден од нив, по име Агав, пророче преку Духот дека низ целиот свет ќе настане голем глад (во Македонија некои преводи го употребуваат терминот „вселена“ наместо „свет“ што е неточно, н.з.); а таков и настана во времето на императорот Клаудиј.
Тогаш учениците решија, секој, со што располагаше, да испрати помош на браќата, што живееја во Јудеја; И тоа го направија, откако го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савла.“

Ова е превод на Делата од старогрчки, распространет низ светот. Но, сето ова воопшто нема смисла. Зошто оние од Антиохија би им испратиле помош и олеснување на тие што живеат во Јудеја, ако гладот, како што произлегува од преводот од старогрчки, ​​би го зафатил целиот СВЕТ. Тие самите би се соочиле со глад, односно тие од Антиохија би биле во иста ситуација како и тие од Јудеја.

Но, сосема е поинаку ако наместо да поаѓате од тоа дека оригиналот е на старогрчки, сметате дека тој е на арамејски јазик. Тогаш, решението лежи во фактот дека зборот за „СВЕТ“ во арамејските ракописи е A’RA, арамејска форма на хебрејскиот збор ERETZ. Овој збор може да значи „свет“ (како во Книга Мудри Соломонови изреки 19:4), но може да значи и „Земја“ (како во Дан. 2:35 во смисла на планетата Земја) или „земја“ (како во Даниел 9:15) и често се користи како еуфемизам за „Земјата на Израел“ (како во Даниел 9:6).

Оттука, ако зборот се сфати во неговото значање „Земјата на Израел“ што произлегува од арамејскиот оригинал, тогаш овие стихови од Делата апостолски добиваат смисла. Гладот ја зафатил земјата на Израел (Јудеа), но не и Антиохија (Сирија), па тие од Антиохија можеле да им пратат помош на тие од Јудеа зашто имале што да им пратат. Во спротивно, стиховите немаат смисла.

Матеј 26:9, Марко 14:3

„А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот…“

Како што знае секој студент кој ја проучува Библијата, на лепрозните лица не им било дозволено да живеат во градот (види Левит 13:46).

Бидејќи античките хебрејски и арамејски јазици се пишувале без самогласки, немало разлика помеѓу арамејските зборови GAR’BA (лепрозен) и GARABA (производител на тегли или трговец со тегли). Оттука, подоцнежните преведувачи од оригиналните јазици на старогрчки, го превеле овој збор како „Симон лепрозниот“, и тоа подоцна се раширило до денешен ден. Тука е и сцената со миросувањето на Исус со скапи масла од сад кој најверојатно бил алабастерски и кој можел да си го дозволи само трговец или производител, но не и лепрозен човек кој не смее да живее во градот, не смее да биде со други луѓе и кој мора да е изолиран.

Матеј 19:12

„…Зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими.”

Дела апостолски 8:26-27

„А на Филипа му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.”
Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога“.

Човекот во Дела 8:27 се чини дека е прозелитет на јудаизмот, бидејќи изгледа оди на аџилак во Ерусалим како што бара Тората (5. Мојсеева 16:16). Тората, сепак, забранува евнух и да стане прозелитски Евреин и да се поклони во храмот (5. Мојсеева 23: 1 – „Оној што е скопен или кастрен не влегува во општеството Господово).

Ова исто така го наметнува прашањето зошто некој би станал евнух (би бил кастриран) заради Царството Небесно, ако токму поради тоа не може да влезе во Царството Небесно. На крај на краиштата, сите евнуси се исклучени од собранието на Израел.

Зборот за „евнух“ во арамејските ракописи на обате пасуси е M’HAIMNA што може да значи „евнух“, но може да значи и „верник“ или „човек кој верува“, како што јасно значи тука.

Оттука, апостол Филип на патот не сретнува кастриран Етиопјанин кого потоа го крштева, како што произлегува од старогрчките ракописи, туку верник, како што произлегува од арамејските оригинали.

Матеј 6: 22-23 (и Матеј 20:15, Лука 11:34)

„Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло;
ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ 

На грчки и на англиски јазик и на било кој друг превод од грчки овој пасус е бесмислен. Меѓутоа, на хебрејски и арамејски јазик да се има „добро око“ („единствено око“ во KJV) е идиоматски израз што значи да се биде дарежлив. Да се ​​има „лошо око“ или „лошо око“ е идиоматски израз што значи да се биде скржав.

Откровение 19:17

„Потоа видов еден ангел како стои на Сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото: „Долетајте и соберете се на големата вечера Божја,“

Бидејќи како што рековме древните хебрејски и арамејски јазици се пишувале без самогласки, B’ SHESHA (на сонце) и B’ SHAMESHA (во служба/министерување) не се разликуваат. Јасно е дека ангелот не стоел на Сонце, туку бил во служба, но преведувачот на грчки од арамејски го зел другото значење.

Ова се само неколку примери на пасуси од Новиот завет кои немаат смисла на стпргрчки јазик, а оттука и на англиски јазик и на било кој друг јазик, туку почнуваат да имаат смисла само кога ќе ги погледнеме на хебрејски и арамејски.

(текстот е објавен во Petah Tikvah Magazine, САД)