Денеска е 2 април (по стар стил) и се слави Преподобен Тит Чудотворец.

Од младоста го возљуби Христа и го замрази овој суетен свет. Заради тоа го остави светот, отиде во манастир и прими ангелски образ.

Не жалејќи се себеси, се предаде на скрбен и тесен монашки пат. Преку големо трпение ги стекна двете основни добродетели: послушанието и смирението и со нив ги надмина „не само браќата туку и сите луѓе“. Од младоста ја зачува чистотата на душата и телото.

Во времето на иконоборната ерес се покажа како непоколеблив столб на Божјата Црква. Заради неговото големо смирение и чистота, Бог му даде дар на чудотворство и за време на животот и по смртта. А кога се пресели кај Господа, остави многубројни ученици зад себе. Се претстави во 9 век.