Министерството за труд и социјална политика соопшти дека денеска до Основното јавно обвинителство доставува кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.

Нејасно останува како после толку детални анализи сторителот на ова дело останува непознат, ако се има предвид дека станува збор за државни институции за кои точно се знае кој ги раководел во тој временскиот период, кога настанало делото за кое се поднесува кривична пријава!?

– Темелните истражувања на пензискиот систем кои ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година, се наведува во соопштението.

Министерството за труд и политика, како што посочуваат оттаму, ја исправа неправдата која претходната власт им ја нанела на овие луѓе и им ги враќа парите на граѓаните.

-За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од од Буџетот на РМ. Овие средства ќе бидат распределени на оштетените осигуреници, односно на секој по околу 400.000 денари, велат од МТСП.

Лошите и неодговорни политики на претходната власт, како што стои во соопштението, доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит Министерството за труд и социјална политика изготвило пакет мерки кои стапија на сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем.

Целта на МТСП, како што истакнуваат оттаму, е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите.

Во врска со овој случај денеска реагираше партијата Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

– Парите од придонесите за пензиско осигурување на вработените кои не се префрлени во вториот столб на пензиско осигурување, а најверојатно биле украдени од страна на функционери на ДУИ кои 10 години управуваат со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија како единствен надлежен орган за собирање на пари за пензиски придонес, сведочи за алармот и постојаните реакции на Алијансата за Албанците дека ДУИ тоне во корупција и организиран криминал, стои во соопшртението.

Според Алијансата, ДУИ, преку свои директори во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кои раководеле со оваа институција повеќе од една деценија, ги оштетиле граѓаните за 19 милиони евра, пари наменети за вториот столб пензиско на осигурување.

– Ја потсетуваме јавноста дека во овој период, со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија раководеле Исни Јакупи, Беким Незири и актуелниот директор Шаип Зендели, заедно со нивните блиски соработници кои час поскоро треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна – велат од Алијансата.

Партијата на Села го прашува премиерот Зоран Заев, дали со овој коалициски партнер ќе ја зачлени земјава во ЕУ и НАТО и ќе ги исполни барањата на ЕУ кои стојат во Извештајот за напредок од 2018 година, каде што главна точка е борбата против корупција.