Млада скопјанка попладнево останала шокирана кога добила повик од полицијата. Бидејќи, како што ја информирале, не можеле да ја добијат на нејзиниот мобилен телефон, ја побарале на телефонскиот број на нејзината мајка.

Ја информирале дека е позитивна на коронавирус, а одговорот кој го добила е доказ како функционираат работите и зошто во земјава владее хаос со коронавирусот, пишува скопски КУРИР.

Скопјанката нема никакви симптоми на коронавирус, со месеци работи од дома, држи дистанца со луѓето и се гледа само со најблиските. Можеби не е ова доволно да тврди дека не можела да биде заразена, но ироничното во оваа ситуација е што девојката никогаш не се ни тестирала за коронавирус.

-Мајка ми доби повик од полициската станица БЕКО, ме побарале мене бидејќи не можеле да ме добијат на мојот број. Од таму рекле дека добиле списоци на кои стои и моето име, па ме информираат дека сум позитивна на коронавирус. Мајка ми им објасни дека јас не сум се тестирала, па да има резултат од некаков тест. Ја прашале на кој датум сум родена за да проверат по матичен број, а откако мајка ми им кажала, потврдиле дека станува збор за мене. Јас сум на тој список наведена како заразена со коронавирус, а ниту имам било каков симптом, ниту сум била во контакт со заразени лице. Најважно од се – јас не сум правела никаков тест за коронавирус, вели скопјанката во сведоштвото за КУРИР.

Кога мајка ми им објаснила дека сигурно станува збор за забуна бидејќи не е можно јас да сум на таков список, рекле дека ќе ја побараат повторно, додаде таа.